Во американската сојузна држава Флорида, непознати сторители извршиле спектакуларен грабеж во магацинот на продавницата за спортска опрема „Чемпс“, во периодот меѓу полноќ и осум часот наутро, објавија локалните медиуми.
Според полицијата, крадците влегле преку покривот, користејќи електрични алати, а целиот чин бил изведен со високо ниво на професионализам. „Ова изгледа како сцена од филмот Невозможна мисија“, изјави шерифот на округот Мартин, Џон Буденсик.
Се проценува дека вредноста на украдените патики изнесува меѓу 40.000 и 50.000 долари, додека штетата на покривот ќе достигне дополнителни 10.000 долари.
Од канцеларијата на шерифот информираа дека сторителите ја спакувале и етикетирале стоката, потоа ја исфрлиле од покривот и ја натовариле во возило за бегство. Интересно е што дел од пленот бил оставен зад себе, што на истражителите може да им помогне во расветлување на случајот.
Полицијата спроведува интензивна истрага за идентификација на сторителите и пронаоѓање на украдената стока, но засега нема уапсени. Шерифот Буденсик оцени дека се работи за „професионално организиран криминален тим кој внимателно го испланирал секој чекор“.































