
Европската Унија мора да престане да чека сигнали од Вашингтон и самостојно да преземе поостри чекори кон Техеран, порача претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, предупредувајќи дека времето за одлучна акција е сега.
Во изјава за „Јуроњуз“, Мецола оцени дека иранскиот режим е сериозно ослабен и дека неговиот крај е прашање на време, прогнозирајќи дека 2026 година ќе биде пресвртна за авторитарното владеење во земјата. Според неа, Брисел не смее да дозволи ваквиот момент да помине неискористен.
Таа побара итно воведување нови санкции и јасен политички сигнал преку ставање на Корпусот на Исламската револуционерна гарда на листата на терористички организации на Европската Унија – чекор за кој Европскиот парламент, како што потсети, се залага со години.
„Она што се случува во Иран е неприфатливо. Не можеме да стоиме настрана додека режимот применува брутално насилство, системска репресија и груба злоупотреба за да ги задуши основните човекови слободи“, истакна Мецола.
Таа нагласи дека насилното задушување на протестите ја преминало црвената линија за меѓународната заедница. „Гледаме атентати, гледаме ескалација на насилство и тоа не е нешто што Европа ќе го толерира“, порача претседателката на Европскиот парламент.
Мецола потсети дека европратениците одамна бараат Иранската револуционерна гарда да биде третирана како терористичка организација, особено по масовните протести инспирирани од движењето „Жени, живот, слобода“, кои избувнаа по смртта на Махса Амини. „Тие жени покажаа неверојатна храброст, излегувајќи на улиците за своите права, слободи и достоинство“, рече таа.



























