Европската унија размислува за воведување нов пристап кон идното проширување, според кој новите членки би можеле да се приклучат на Унијата без целосни права на одлучување, вклучително и правото на вето, дознава „Политико“ повикувајќи се на дипломатски извори од Брисел.
Целта на овој модел е да се забрза процесот на пристапување и да се избегне долготрајната блокада поради барањата за институционални реформи. Новите земји би можеле да ги користат главните придобивки од членството, додека целосните права би ги добиле по завршување на реформите, меѓу кои и укинувањето на едногласното донесување одлуки.
Според предлогот, земјите-кандидатки би станале дел од Унијата под пофлексибилни услови, без потреба од измена на основачките договори. Австрија и Шведска се меѓу државите кои ја поддржуваат иницијативата, со цел да се надминат блокадите што, како што велат, често доаѓаат од Будимпешта и други земји кои стравуваат од губење на влијание.
„Не смееме да дозволиме поединечни членки да го кочат проширувањето. Идните членки треба привремено да се откажат од правото на вето додека не се спроведат реформите“, изјави Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг.
Иако иницијативата е во рана фаза и бара едногласна поддршка од сите 27 членки, таа се смета за можен компромис меѓу потребата за проширување и зачувувањето на функционалноста на Унијата.
Хофрајтер нагласува дека земјите од Западен Балкан ја гледаат оваа идеја како „конструктивна и реалистична“, особено по долгогодишното чекање на конкретен напредок во процесот на интеграција.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го постави проширувањето како еден од главните приоритети, најавувајќи дека Украина и Молдавија би можеле да станат членки до 2030 година. Сепак, дел од постојните земји-членки и натаму се воздржани за забрзување на процедурите.
Во среда во Лондон ќе се одржи самит во рамките на „Берлинскиот процес“, каде што лидерите на ЕУ и Западен Балкан ќе разговараат за идните чекори кон подлабока европска интеграција. Според извори од ЕУ, Комисијата би можела да предложи продолжување на преговорите со кандидатите дури и без едногласна согласност од сите членки, со што би се избегнало вето, особено од Унгарија.