Вулканот Хајли Губи на североистокот на Етиопија еруптираше по повеќе од десет илјади години мир, во силна експлозија која исфрли облак пепел до висина од 15 километри, јавува VolcanoDiscovery.
Нова значајна ерупција започна в сабота на еден од помалку познатите вулкани во планинскиот венец Ерта Але, во регионот Данакил. Вулканот Хајли Губи, околу 15 километри југоисточно од континуирано активниот вулкан Ерта Але, експлозивно еруптираше, создавајќи голем облак пепел кој се искачи до 15 километри и се прошири над делови од југозападниот Арапски Полуостров.
Сателитските податоци покажуваат дека ерупцијата ослободи облак сулфур диоксид (SO2). Засега нема повеќе детали, бидејќи областа е тешко пристапна и далеку од населени места, па главен извор на информации се сателитските снимки.
Етиопската телевизија FMC ја потврди вулканската активност во регионот Ертале, а очевидците посочуваат дека експлозијата што ја следела ерупцијата била необично силна, како по интензитет, така и по звук.























