
Европската комисија ја повика американската администрација да ја почитува рамката на трговскиот договор, постигнат минатата година, по неодамнешните одлуки кои го нарушија стабилниот трговски баланс.
Како главен застапник за трговската политика на ЕУ, Комисијата инсистира Вашингтон јасно да ги објасни следните чекори по поништувањето на глобалните царини воведени за време на администрацијата на Доналд Трамп. По оваа одлука, американскиот претседател воведе привремени општи царини од 10%, за кратко време зголемени на 15%, што предизвика загриженост во Брисел.
„Сегашната состојба не создава услови за „праведна, израмнета и меѓусебно корисна“ трговија и инвестиции, како што беа договорени во заедничкото соопштение минатата година“, посочува ЕК, изразувајќи незадоволство од непредвидливоста на американските мерки.
Трговскиот договор помеѓу ЕУ и САД, гарантираше царинска стапка од 15% за поголемиот дел од увозот од ЕУ во САД, со исклучок на одредени сектори како челикот. За клучни индустриски производи, како авиони и резервни делови, договорот предвидува нулта царина, а ЕУ, од своја страна, се обврза да ја укине увозната такса за многу американски производи и да ја повлече заканата од возвратни мерки.
„Производите од ЕУ мора да го задржат најповолниот третман без надминување на јасно утврдените граници на царините“, нагласува Комисијата, додавајќи дека непредвидливите тарифи ја разнишуваат довербата на глобалните пазари и создаваат деструктивна клима за трговија.























