Европската комисија започнала со формирање на нова разузнавачка единица под водство на претседателката Урсула фон дер Лајен, објави британскиот Фајненшл тајмс.
Целта на овој проект е да се подобри користењето на информациите што ги собираат националните разузнавачки служби. Според наводите на весникот, единицата ќе биде воспоставена во рамките на Генералниот секретаријат на Европската комисија.
Планот предвидува ангажирање на претставници од различни делови на разузнавачката заедница на Европската унија, со задача да собираат и анализираат податоци за заеднички европски цели.
Британскиот весник наведува дека четири лица запознаени со проектот ги потврдиле овие информации, додека агенцијата Ројтерс не успеала независно да го потврди извештајот.























