Американската војска им препорача на своите припадници стационирани во Германија, поради блокираниот буџет и недостигот на плата, да побараат помош во германските народни кујни и организации кои делат храна за сиромашни, пренесуваат германските медиуми.
Управата на американската војска на четири локации во Баварија објавила упатства за тоа како војниците да се снајдат додека не им биде исплатена платата. Меѓу другото, се советува да се користат германски каритативни организации како „Tafel“, кои делат прехранбени производи на лица со ниски примања. Дополнително, се посочуваат апликации што информираат каде може да се набави храна со истечен рок.
Во Баварија се стационирани околу 37.000 американски војници. Меѓутоа, US Garnizon Bavaria подоцна ги повлекол упатствата од интернет-страницата, со образложение дека тие биле наменети за цивилните вработени, околу 11.000 лица. За нивните плати, германската влада обезбедила заем од околу 43 милиони евра. Со ова, САД влегуваат во 38. ден на таканаречениот „shutdown“, што ја блокира исплатата на платите на државните службеници.























