УТРО.мк

AfD сака Германија да го напушти еврото и Шенген: Вајдел најави големи промени

AfD сака Германија да го напушти еврото и Шенген: Вајдел најави големи промени
Vero

Лидерката на Алтернатива за Германија (AfD), Алис Вајдел, најави радикална промена на германската политика доколку нејзината партија во иднина стане дел од сојузната влада.

Во интервју за германската телевизија ZDF, Вајдел изјави дека AfD ќе се залага Германија да излезе од еврозоната и Шенгенскиот простор, да ги затвори националните граници и значително да ја заостри миграциската политика.

Според неа, Германија имала подобри економски перформанси пред воведувањето на еврото. Вајдел оцени дека заедничката европска валута негативно влијаела врз германското стопанство и врз богатството на домаќинствата.

<strong>Најави затворање на границите</strong>

Особено остри беа нејзините пораки во однос на миграцијата. Вајдел најави дека нејзината партија би ги затворила германските граници и би се откажала од членството во Шенгенскиот простор.

Покрај тоа, AfD бара зголемување на бројот на депортации, построги услови за добивање германско државјанство и враќање на сириските државјани на кои повеќе не им важи статусот на заштита.

Вајдел воедно го критикуваше канцеларот Фридрих Мерц и неговата CDU, како и министерот за финансии Ларс Клингбајл од СПД, особено поради одбивањето на соработка со AfD.

Таа порача дека нејзината партија прво ќе се обиде да дојде на власт во сојузните покраини, а потоа и на федерално ниво.

<strong>AfD со растечка поддршка</strong>

Најавите на Вајдел доаѓаат во период кога AfD бележи висока поддршка во делови од Германија. Во пресрет на изборите во Саксонија-Анхалт на 6 септември, партијата според наведените истражувања има поддршка од над 40 отсто.

На федерално ниво, според истражувањето на Forschungsgruppe Wahlen, AfD има околу 27 отсто поддршка, пред CDU со 22 отсто.

AfD на предвремените парламентарни избори во февруари 2025 година освои 20,8 отсто од гласовите и заврши на второто место. Со 152 пратеници стана најголемата опозициска партија во Бундестагот.

И покрај растот на поддршката, останатите големи германски партии досега одбиваат коалициска соработка со AfD.

Вајдел истовремено се спротивставува и на европските мерки за постепено укинување на новите автомобили со мотори со внатрешно согорување, како и на политиките насочени кон намалување на емисиите и последиците од климатските промени.

AfD беше основана во 2013 година како евроскептична партија, но по мигрантската криза во 2015 година значително ја заостри својата политика кон миграцијата, исламот и Европската Унија.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin