
Во серија координирани напади врз Украина, Русија лансираше речиси 400 дронови и 29 ракети од различен тип, вклучувајќи и балистички, со цел да го погодат енергетскиот сектор на земјата. Ова го соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски, нагласувајќи дека нападот бил внимателно пресметан за да предизвика максимална штета.
Според него, украинската противвоздушна одбрана успеала да собори значителен дел од ракетите и дроновите, но некои удари сепак погодиле цивилни и инфраструктурни објекти. Во Одеса десетици илјади жители останаа без греење и водоснабдување, откако голем број дронови го погодиле енергетскиот систем.
Во нападот беа погодени вкупно 12 региони, при што девет лица се повредени, вклучувајќи и деца. Беа оштетени повеќе од десет станбени згради, како и делови од железничката инфраструктура, што дополнително ја отежнува нормалната функција на јавниот транспорт.
Зеленски упати апел до меѓународните партнери да реагираат на „ударите по живот“ што ги изведува Русија и истакна дека агресорот мора да одговара. Тој истакна дека ефикасната дипломатија зависи од комбинацијата на правда и сила: санкции, притисок и континуирана поддршка за украинската армија и воздушна одбрана.























