
На денешнииот датум, 27 јануари светот се потсетува на една од најмрачните епохи во човечката историја – Холокаустот, систематското и брутално истребување на милиони луѓе за време на Втората светска војна. Токму на овој датум, во 1945 година, со ослободувањето на логорот Аушвиц-Биркенау, светот беше сведок на безмерната суровост на нацистичкиот режим, кој безмилосно ги одзеде животите на над еден милион луѓе само во овој комплекс.
На територијата на Македонија, март 1943 година останува како трауматичен месец. Од Скопје, Битола и Штип, 7.144 македонски Евреи беа депортирани во логорот Треблинка, каде речиси сите беа убиени. Со оваа депортација, практично целата еврејска заедница во земјата беше истребена. Но Холокаустот не зафати само Евреи – негови жртви станаа и ромите, политички затвореници, лица со попреченост, хомосексуалци и сите кои беа означени како „непосакувани“ според нацистичката идеологија на омраза.
Светската статистика е страшна: околу шест милиони Евреи го загубија животот, речиси две третини од тогашната еврејска популација во Европа. Милioni други беа жртви на систематска дискриминација, прогон и геноцид. Логорите како Аушвиц-Биркенау стануваат симболи на човечката бруталност и крајна деградација на човековото достоинство.
Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите на Холокаустот, воспоставен од Обединетите нации во 2005 година, не е само историско потсетување. Тој е повик за одговорност – за борба против расизмот, дехуманизацијата и институционалната рамнодушност што можат да доведат до нови трагедии. Овогодишната тема, „Holocaust Remembrance for Dignity and Human Rights“, ја нагласува поврзаноста меѓу минатото и современата заштита на човековите права.
Образованието за Холокаустот станува клучно оружје против повторување на историјата. Како што истакнуваат Обединетите нации, учењето за овие настани не е само прашање на минатото – тоа е предуслов за спречување на геноциди, масовни злосторства и дискриминација денес и во иднина.
Секоја минута на молк пред неправдата, секој заборавен потсетник за страдањето на жртвите, ја повторува опасноста од институционализираната омраза. Затоа, 27 јануари е ден кога светот се обединува не само за да памети, туку и да делува – да ги штити ранливите, да брани човековото достоинство и да се бори за правата на секој човек, без разлика на вера, етничка припадност или сексуална ориентација.



























