Македонската фудбалска репрезентација попладнево ги започна подготовките за двата ноемвриски натпревари – контролниот дуел со Летонија, кој ќе се игра во четврток во Скопје, и завршниот квалификациски натпревар за Светското првенство 2026 против Велс на 18 ноември во Кардиф.
Селекторот Благоја Милевски повика 28 фудбалери, меѓу кои го нема повредениот Езџан Алиоски, додека во таборот се вратија Бојан Димоски, Лирим Ќамили и Кристијан Трапановски.
Репрезентативецот Лука Станковски изјави дека дуелот со Летонија ќе биде важен за фудбалерите кои очекуваат поголема минутажа и за стекнување самодоверба. „Македонија секогаш оди на победа. Денес секоја репрезентација има свој квалитет, така што очекувам одличен натпревар и посакувана победа“, рече Станковски.
Тој додаде дека натпреварот со Велс ќе биде клучен за квалификациите и дека целта е добар настап и освоени три бода. „Тактиката е задача на селекторот, а наша задача е да ја спроведеме на терен. Верувам дека тоа ќе биде клучот за успех“, нагласи фудбалерот на Раднички Крагуевац.























