
Додека на теренот се водеше возбудлива пресметка меѓу Англија и Хрватска (4:2) на отворањето на Светското првенство, од Далас пристигнаа информации за наводен сериозен безбедносен пропуст на стадионот.
Според британскиот „Дејли Мејл“, десетици англиски навивачи успеале да влезат на стадионот без важечки билети. Сведоци тврдат дека поединци минувале покрај контролните пунктови и обезбедувањето без поголеми пречки, а некои дури и прескокнувале огради.
„Тоа беше неверојатно. Имаше големи празнини меѓу контролните точки и луѓето едноставно поминуваа“, изјавил еден навивач кој поседувал регуларен билет.
Американските власти претходно најавија засилени безбедносни мерки, со стотици службеници ангажирани околу стадионот, како и снајперисти распоредени за дополнителна заштита. Сепак, според сведочењата, контролите при влезот не биле толку строги како што било најавено.
Тврдењата предизвикаа незадоволство кај навивачите кои платиле стотици долари за билети за натпреварот.
Од ФИФА, пак, ги отфрлија ваквите наводи. Портпарол на светската фудбалска организација изјави дека засега немаат никакви информации кои би потврдиле дека лица без билети успеале да влезат на стадионот.
Сличен став има и локалната полиција, која соопшти дека не е запознаена со какви било инциденти поврзани со влезот на гледачите на натпреварот.

















