Скопје влегува во нова ера на урбан развој – главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница, која ќе се гради на потегот од под „Лимак“ до влезот во Кисела Вода. Проектот, кој го најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, има за цел да го растовари централното градско подрачје и да воведе современи сообраќајни решенија по европски стандарди.
„По завршувањето на правната постапка веднаш започнуваме со работа. Ова е капитална инвестиција што ќе донесе вистински пресврт во урбаното живеење и ќе го намали сообраќајниот метеж во центарот“, изјави Ѓорѓиевски.
Подземната сообраќајница ќе има шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две резервирани за јавен превоз – како и пешачки патеки кои ќе овозможат побезбедно движење.
Дополнително, ќе се изградат нови кружни текови кај „Нова Македонија“, булевар „Кочо Рацин“ и улица „Железничка“, што ќе придонесат за подобар проток на возила и модерна регулација на сообраќајот.
„Со овој проект, Скопје ќе го добие своето прво подземно сообраќајно чудо. Центарот конечно ќе се ослободи од гужвите и ќе стане покомфорен, побезбеден и поуреден за сите граѓани“, нагласи градоначалникот, додавајќи дека подземната сообраќајница е симбол на „новото време“ и почеток на вистинската преродба на Скопје.























