Премиерот Христијан Мицкоски заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска извршија увид на три активни градилишта во општината.
Станува збор за модерен спортски центар во Идризово со терени за мал фудбал, кошарка, фитнес-зона и детско катче, кој ќе служи како простор за здрав живот и дружење на сите генерации. Во Трубарево, се гради нова детска градинка која е во завршна фаза и се очекува да биде отворена во следните недели. Во Хиподром, се врши реконструкција на улицата „Париска Комуна“, проект поддржан од Владата преку вториот повик за општински инфраструктурни инвестиции.
Градоначалникот Стефковски најави дека дополнително се гради ново училиште во населбата Ченто, спортска сала во Црешево, градинка во Инџиково и се реконструира Домот на културата „11 Октомври“.
Премиерот Мицкоски истакна дека во Гази Баба се вложени 12 милиони евра и нагласи дека Владата продолжува да инвестира во развојни проекти, со цел создавање инфраструктура за граѓаните и заедницата.