Камерите на системот „Безбеден град“ ќе мерат со истите аршини како и класичните полициски радари. Толеранцијата останува непроменета: до 100 километри на час се „простуваат“ шест километри, над 100 км/ч – осум, а кај екстремни брзини над 200 км/ч дури 12 километри. Ова го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, најавувајќи јасни и прецизни правила за санкционирање на сообраќајните прекршоци.
Во пракса, тоа значи дека во Скопје, каде максимално дозволената брзина е 50 километри на час, системот ќе „фати“ прекршок од 57 километри на час па нагоре. Сепак, министерот потенцираше дека оваа толеранција не важи во ситуации кога станува збор за кривично дело поврзано со сообраќајот – таму нема попуст.
Тошковски се осврна и на прашањето за службените возила. Според него, „Сејф сити“ ќе ги евидентира и нив, доколку не се движат во рамки на оправдани оперативни активности. Исклучок ќе има само кога возилата извршуваат службени задачи.
– Брзата помош, противпожарните возила, полицијата, Армијата – сите тие, додека постапуваат службено и тоа е соодветно оправдано, нема да бидат опфатени од системот. Но, надвор од тие ситуации, правилата важат за сите подеднакво, порача министерот.
Со ова, МВР најавува дека „Безбеден град“ нема да прави разлика меѓу граѓаните – дисциплината на патиштата ќе се мери со иста мерка за сите.



























