
Општина Центар информира дека продолжува со уредувањето на јавните простори, а најновиот проект опфаќа целосно партерно и хортикултурно уредување на просторот долж улицата „Даме Груев“.
Во рамки на проектот ќе бидат поставени нови клупи и корпи за отпадоци, ќе се изгради детско игралиште, како и современа теретана на отворено, со цел просторот да стане пофункционален и попривлечен за жителите.
Од Општина Центар посочуваат дека со овие активности се создава поуреден, позелен и поквалитетен јавен простор, кој ќе им овозможи на граѓаните место за рекреација, одмор и дружење со семејството и пријателите.
Локалната самоуправа најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со инвестиции во уредување на јавните површини и подобрување на условите за живот во општината.

















