
Уличката што води покрај објектот на ЈП „Македонска пошта“, веднаш под железничката станица, се наоѓа во очајна состојба. Коловозот е расечен со дупки и оштетувања, кои секојдневно создаваат проблеми за возила и пешаци. И покрај интензивната употреба на улицата, досега нема никаква официјална интервенција за сервисирање или асфалтирање.
Жителите на Скопје реагираат на социјалните мрежи, нагласувајќи дека проблемот не е во некоја периферија, туку во срцето на градот. Една граѓанка е директна во својот апел: „Не е во Кушкундалево, во центар е! Дупката е пред портите на поштата, а они гледаат само плата. Ако некој од властите не забележува, еве јас како граѓанка што плаќа даноци – повикувам да се постави нов асфалт, зашто во штикли лесно можеш да паднеш.“
Друг граѓанин потенцира дека опасноста не е само за пешаците. „Ги има повеќе дупки. Син ми искина гума на колата. Кога гумата се скрши, се купува нова, ама проблемот со улицата останува“, додава тој.























