УТРО.мк

Почина др. Коста Балабанов на 96 години: Живот посветен на средновековната македонска уметност и заштитата на културното наследство

Почина др. Коста Балабанов на 96 години: Живот посветен на средновековната македонска уметност и заштитата на културното наследство
Vero

На 96-годишна возраст почина д-р Коста Лазаров Балабанов, еден од најистакнатите македонски историчари на уметноста, конзерватори и филмски и телевизиски сценарист, автор на над 200 стручни и научни трудови посветени главно на средновековната уметност.

Балабанов е роден на 5 април 1929 година во Штип, каде го поминал своето детство и го завршил основното и средното образование. По кратка работа во автотранспортното претпријатие и како сценограф во Народниот театар во Штип, неговата страст кон уметноста го води кон Филозофскиот факултет во Скопје, каде дипломира на катедрата за Историја на уметноста со археологија во 1955 година. Две децении подоцна, во 1965 година, ја одбранил докторската дисертација „Иконописот и иконописните центри во Македонија од доаѓањето на Турците до крајот на 17 век“.

Веќе како студент, во 1952 година, Балабанов се вклучува во Централниот завод за заштита на спомениците на културата, каде започнува како помошник-препаратор. По дипломирањето, неговата кариера се движи низ Републичкиот завод за заштита на културните споменици, каде го добива звањето приправник-конзерватор. Специјализирал во Виена во 1956 година, а својата експертиза ја продлабочува и во Бугарија во периодот 1959–1960 година, истражувајќи изворни документи за македонските зографи.

Балабанов е човек кој го поминал речиси целото македонско село и град, посетувајќи повеќе од 1.340 населени места со над 1.700 цркви и манастири и евидентирајќи повеќе од 18.000 икони. Од 1956 до 1980 година раководел со евиденцијата и документацијата на иконите, оставајќи незаменлив белег во конзервацијата на културното наследство.

Во 1970 година бил гостин-професор на престижниот Универзитет во Оксфорд (Merton College), а две години подоцна станува член на ИКОМОС и на ад-хог Комитетот на Европската научна фондација. Од 1981 до својата пензија во 1989 година, ја предводел институцијата Музеј на Македонија, комбинирајќи археологија, етнологија и историја.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран