
Двајца жители на охридското село Пештани се лишени од слобода поради нелегален лов на риба во водите на Охридското Езеро, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Инцидентот се случил на 9 јануари 2026 година околу 19:30 часот, кога полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Запад, ги привеле Д.К. и Н.С., двајцата од Пештани.

За време на засилени контроли и мерки во периодот на мрест и важечка забрана за лов на пастрмка, белвица и јагула, полицијата во координација со рибочуварската служба, на околу 100 метри од брегот кај Пештани, затекнала чамец во кој се наоѓале осомничените.
При извршениот преглед на пловниот објект, биле пронајдени шест рибарски мрежи со вкупна должина од околу 720 метри, во кои имало 585 парчиња риба белвица, со вкупна тежина од 106,8 килограми.
По известување на јавен обвинител и постапување по негови насоки, лицата се лишени од слобода и спроведени во Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро за понатамошна постапка. Пронајдените предмети и чамецот се одземени.
Уловот, по извршена проценка од стручни лица од Хидробиолошкиот завод – Охрид, било утврдено дека се наоѓа во фаза на расипување. По насоки на инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство, рибата е предадена на Здружението на ловци – Охрид, каде што, во присуство на полицијата, е уништена на соодветна локација.



























