
Повеќе од 50 учесници денеска продефилираа низ селото Цапари, во рамки на традиционалниот карневал „Бабари“, кој и оваа година го раздвижи селото облечено во снежна зимска идила.
Настанот привлече посетители од различни делови на Македонија, кои имаа можност да уживаат во автентичната карневалска атмосфера, богата програма и уникатни маски.
Учесниците беа маскирани во креативни, впечатливи и понекогаш страшни костими, со што ја продолжија вековната традиција која се пренесува од колено на колено. Според народните верувања, маскирањето има за цел да ги избрка лошите духови и „некрстените денови“, за годината што следи да биде плодна, среќна и бериќетна.
Карневалот „Бабари“ не е само забава, туку силен идентитетски симбол за жителите на Цапари. Овој настан претставува момент кога селото повторно живее во полн сјај, а традицијата ги спојува младите и старите околу заедничката културна меморија.
Особено емотивен е фактот што за време на карневалот во Цапари се враќаат и иселениците од странство, најчесто од Австралија и Канада, кои токму овие денови ги користат за да ја продолжат традицијата и да останат поврзани со родното место.



























