Во Општина Тетово денешниот изборен процес започна навреме, а сите 117 избирачки места беа отворени од 7 часот, соопшти Општинската изборна комисија (ОИК) Тетово. Право на глас имаат 87.878 граѓани, а гласањето се одвива непречено.
Назми Даути од ОИК Тетово информира дека до овој момент нема пријавени никакви проблеми од избирачките одбори. Додаде дека вчера болните и немоќните лица, кои биле пријавени за гласање дома, масовно го оствариле своето право на глас – 98 од 99 лица гласале без проблеми.
ОИК Тетово потсетува дека 8 избирачки места привремено се префрлени поради реконструкција на објектите каде што се наоѓале досега. Избирачките места 1925, 1926, 1927 и 1927/1, кои биле сместени во објектот „Стара Медицина“, се префрлени во Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ на улица „Браќа Миладинови“ бр. 134.
Избирачките места 1941, 1941/1, 1942 и 1942/1, кои досега се наоѓале во Општинско средно стручно училиште „Ѓоце Стојчески-Амбарче“, се привремено преместени во детската градинка „Младост“ на улица Браќа Миладинови бр. 1.
Општинската изборна комисија апелира до граѓаните да ги проверат своите избирачки места и да учествуваат во гласањето за мирен и фер изборен ден.