
Околу 500 садници беа засадени во близина на манастирот „Св. Димитриј“ кај прилепското село Селце, во акција организирана од Здружението „Сина револуција“, со поддршка од компанијата „Бехтел ЕНКА“.
Во акцијата, организирана по повод Светскиот ден на дијабетесот, се вклучи и градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски. Тој истакна дека иницијативата симболично ја поврзува грижата за здравјето на луѓето со заштитата на природата.
„Со заеднички ангажман можеме да создадеме поздрава животна средина“, порача Проданоски.
Според градоначалникот, ваквите активности придонесуваат за подигнување на свеста за општествената одговорност, правилното постапување со медицинскиот отпад и заштитата на шумите.
Проданоски им се заблагодари на организаторите, поддржувачите, граѓаните и волонтерите што учествуваа во пошумувањето.
„Секое засадено дрво е порака за грижа, одговорност и подобра иднина за генерациите што доаѓаат“, истакна тој.























