УТРО.мк

Прилеп слави 85 години од 11 Октомври: Богата програма од денеска до 3 ноември

Прилеп слави 85 години од 11 Октомври: Богата програма од денеска до 3 ноември
Vero

Прилеп од денеска, 1 октомври, па до 3 ноември ќе биде во знакот на одбележувањето на 85-годишнината од 11 Октомври, со низа културни, спортски и свечени настани посветени на празникот и историското значење на градот.

Под мотото „Приказна за Градот херој“, во текот на повеќе од еден месец ќе се одржат концерти, изложби, театарски претстави, работилници, спортски натпревари, промоции на книги и други содржини.

Програмата започнува со „Прилепски џез викенд“, кој ќе се одржува од 1 до 3 октомври во кино „Мис Стон“ и НУЦК „Марко Цепенков“.

На 4 октомври следува монодрамата „Менопауза“ со Тијана Дапчевиќ, а во наредните денови се предвидени интерактивните работилници „Бегство од музеј“ и „Детективи на минатото“.

На 7 октомври програмата продолжува со повеќе настани, меѓу кои поетска вечер „Во пресрет на 11 Октомври“, премиерата на претставата „Животинска фарма“, како и драмската претстава „Херојот е мојот дедо“, посветена на Душко Наумоски.

На 8 октомври ќе бидат отворени изложба на ДЛУ Битола и изложба на ДЛУП, а ќе се одржат и реприза на „Животинска фарма“ и драмската претстава „Студент е, прилепско дете“, посветена на Борко Лазески. Во периодот од 8 до 10 октомври на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ ќе се одржува и Фестивалот на медот.

Централниот дел од програмата е предвиден за 9 и 10 октомври. На 9 октомври ќе има училишен перформанс „Формирање на македонското знаме“, промоција на книгата „Спомени на прилепските револуционери“, проекција на филмот „До Балчак“, промоција на каталог посветен на Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ и слем полуфинале.

На 10 октомври, пак, ќе се одржи меѓународниот традиционален турнир во џудо „Прилеп Град Херој 2026“, изложба на дела од ДЛУП и посета на Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“.

Во 19:30 часот на Камената бина е предвидена свечена програма со интонирање на химната, промоција на краток филм за нападот на 11 Октомври 1941 година, обраќање на градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, импровизиран напад на Участакот и огномет. Вечерта ќе заврши со концерт во центарот на градот.

На самиот празник, 11 Октомври, ќе се одржи полагање цвеќе на спомениците на хероите, традиционална крводарителска акција, меморијалниот шаховски турнир „МАТ 2026“ и „Tuning Car Show“ на булеварот „Гоце Делчев“.

Програмата продолжува и по празникот. На 12 октомври ќе има презентација на воена опрема, оружје и показни боречки вештини на специјалните единици на булеварот „Гоце Делчев“.

Во втората половина на октомври се предвидени театарската претстава „Вечера за глупаци“, стендап настапи, фолклорна вечер, атлетскиот настан „Че трчаме 2026“, велосипедскиот настан „Тура преку Слива 2026“, како и меморијалниот ориентациски натпревар „Пеце Атанасоски 2026“.

На 21 октомври ќе се одржи тркалезната маса „Македонија на Македонците – македонска ослободителна мисла (1893–1991)“, а на 22 октомври се закажани годишниот концерт на ОКТЕТ – Прилеп и изложба на Илија Ацески.

Програмата продолжува на 24 октомври со „Prilep Downhill Cup“ во село Штавица.

Завршницата на одбележувањето е предвидена за 3 ноември, кога ќе бидат отворени изложба на дела од ликовната колонија „Дрен“ и тематска изложба на архивски материјали, фотографии и документи за развојот на Прилеп. Програмата ќе заврши со свечена седница и доделување на Третоноемвриските награди.

Од Општина Прилеп ги повикуваат граѓаните да бидат дел од настаните посветени на 85-годишнината од 11 Октомври и одбележувањето на историското наследство на „Градот херој“.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран