УТРО.мк

По децении најави, Тетово конечно добива Саат кула

По децении најави, Тетово конечно добива Саат кула
Vero

До 2026 година треба да започне изградбата на Саат кулата во Тетово, проект што со децении се најавува, но никогаш не се реализира. Финансиската конструкција е обезбедена преку донациски грант од Општина Коња во Турција во вредност од околу 200 илјади евра, но засега нема прецизен рок за завршување на градбата. Меморандумот за соработка го потпишаа Општина Тетово и Националниот центар за конзервација.

„Претходно знаете дека имало неколку обиди, имало и обезбедување на финансиски средства од финансиски поддршки, но не се успеа да се реализира овој проект како дел од културното наследство. Обезбеден е донациски грант од Општина Коња. Верувам дека првите градежни активности ќе започнат во рамки на 2026 година“, изјави градоначалникот на Тетово, Билал Касами.

Директорот на Националниот центар за конзервација, Александар Јорданоски, вели дека Центарот веќе ги подготвува сите неопходни активности – од валоризација на културното наследство и проверка на досегашните документи, до целосна ревизија на проектната документација.

„Кон крајот на 2005 и почетокот на 2006 година започнаа археолошките истражувања, што е потребна законска постапка кога треба да започне реализација на ваков тип проект. Во 2016 година беше изработен проектот, беа дадени одредени забелешки и таму застана постапката“, истакна Јорданоски.

Саат кулата останува еден од најчесто ветуваните, но незавршени проекти во Тетово, како во претходните мандати, така и во мандатот на актуелниот градоначалник. Сега, со обезбедени средства и обновени процедури, општината очекува конечно да започне реализацијата.

Uslugi
Dijamant Lotarija
Uslugi
Loto & Dzoker
Uslugi
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Uslugi
Филигран