
Советот на Општина Битола ја усвои Програмата за животна средина за 2026 година, со која се предвидени вкупно 11,5 милиони денари за мерки и проекти насочени кон подобрување на квалитетот на животот и заштита на здравјето на граѓаните.
Програмата има за цел унапредување на состојбите во животната средина преку подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, поефикасно управување со отпадот, намалување на дивите депонии, заштита од бучава, подигнување на јавната свест и активно вклучување на локалната заедница, како и зголемување на зелените површини и урбаното зеленило во градот.
Со одлука на Советот, 1,5 милиони денари ќе бидат наменети за изработка на стратегија за развој на зеленило, 3 милиони денари за субвенционирање на инвертер клима-уреди, еден милион денари за субвенции за замена на дограма во домаќинствата, еден милион денари за субвенционирање на велосипеди, додека 3 милиони денари ќе се издвојат за поставување подземни садови за собирање на комуналниот отпад. Дел од средствата се планирани и за реализација на креативни еколошки проекти.
Општината најавува и посебни активности за заштита од бучава, кои ќе опфатат мапирање на критичните локации и изработка на план за мерење по зони, со дневни и ноќни мерења. Во овие активности, покрај општинскиот тим, ќе биде вклучен и Центарот за јавно здравје – Битола.



























