
Министерството за здравство објави нацрт-закон за заштита од пушењето, кој предвидува значајни новини и најстроги рестрикции до сега во однос на употребата, продажбата и рекламирањето на тутунски и никотински производи.
Со предложените измени се предвидува целосна забрана за пушење во и пред многу јавни и работни простори, вклучувајќи ги здравствените установи, училиштата, установите за социјална заштита, културните и рекреативните центри, како и простории на државните и локалните институции.
Една од најзначајните новини е забраната за пушење во приватно возило кога во него се наоѓа дете, како и забрана за електронски цигари со вкусови или ароматизирани никотински производи. Овие ограничувања, доколку предлог-законот биде усвоен, ќе важат и за сите видови електронски цигари и уреди за вапење.
Пушењето ќе биде забрането и во сите видови јавен превоз, вклучувајќи автобуски, железнички и воздушен сообраќај, како и на јавни места со голема фреквенција на луѓе, како пазари, жичари и пристаништа. Покрај тоа, забрането ќе биде и рекламирањето, промоцијата и спонзорството од страна на тутунската индустрија во медиумски и интернет содржини.
Предлог-законот, кој произлегува од Министерството за здравство, е веќе објавен на електронскиот регистар ЕНЕР и наскоро треба да биде ставен на јава дебата пред усвојување.



























