Неколку илјади граѓани од Битола, Прилеп, Ресен и од другите ополни општини денеска присуствуваат на манифестацијата „Вкусот на Пелистер“, која се одржува под мотото „Куќа имам на Пелистер“. Настанот е посветен на одбележување на успешно завршената година и свечениот почеток на Новата 2026 година, со богата понуда на храна, пијалоци и забавна програма.

Манифестацијата по втор пат ја организира ЈУ Национален парк Пелистер, со поддршка на Општина Битола, со цел на едно место да се обединат и промовираат туристичките потенцијали на поширокиот регион.

„Оваа година имаме околу 30 учесници, меѓу кои локални угостители, хотели, производители на храна и пијалоци, како и други правни лица кои нудат алтернативна туристичка понуда. Целта е да се зајакне локалната економија и да се промовира Пелистер како атрактивна туристичка дестинација во текот на целата година“, изјави директорот на Националниот парк, Иванчо Тошевски.
Посетителите имаат можност да уживаат во автентични локални вкусови, традиционални производи и празнична атмосфера, што уште еднаш го потврдува значењето на ваквите настани за развојот на туризмот и промоцијата на регионот.




























