
Во Охрид се одржа настанот „Денови на АДКОМ – Денови на комунални услуги“, организиран од Здружението на даватели на комунални услуги, кој ги собра претставниците на институциите, јавните комунални претпријатија, локалната самоуправа и меѓународни експерти за дискусија за предизвиците и реформите во комуналниот сектор.
На првиот панел на тема „Кластеризација на секторот за водни услуги – придобивки и предизвици“ се разгледуваа можностите за реорганизација на водниот сектор, подобрување на инфраструктурата и координацијата помеѓу институциите. Меѓу панелистите беа градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска.
Градоначалникот Коњановски говореше за искуствата на битолските јавни претпријатија и посочи дека примерот со меѓуопштинското претпријатие „Пелалинк“, кое опфаќа три општини, е успешен модел за окрупнување и соработка. „Општина Битола има осум јавни претпријатија… Ако тргнеме од ‘Пелалинк’, можам да кажам дека позитивни се искуствата и токму тука се случи тоа окрупнување, создавање на едно претпријатие за повеќе општини“, истакна тој.
Кластеризацијата се однесува на соработка помеѓу општините со цел да се подобри ефикасноста и одржливоста на водните услуги преку споделување инфраструктура, техничка експертиза и ресурси, при што се задржува локалната сопственост и одговорност. Меѓуопштинската соработка може да вклучува физичка интеграција на системи, заедничко управување на регионално ниво или споделување оперативни, финансиски и технички капацитети.
Втората панел-сесија се фокусираше на дефицитот на млади кадри во комуналниот сектор и можностите за нивно задржување, што се покажа како еден од главните предизвици за современото управување со комуналните услуги.
Градоначалникот Коњановски нагласи дека модерното управување со комуналните услуги е историски предизвик, при што соработка и кластеризација се неопходни за ефикасни и одржливи решенија.























