ЈП „Нискоградба“ ја заокружува 2025 година со зголемени трошоци и најавува значително проширување на обемот на работа во 2026 година. Директорот Зоран Талевски посочува дека најголем предизвик годинава било зголемувањето на бруто платите за 8 отсто и трошоците за вработените, вклучително и отпремнини за пензионирање, што вредносно изнесува околу 8 милиони денари повеќе во однос на 2024 година.
Според податоците од претпријатието, во 2021 година за 161 вработен биле исплатени плати во износ од 62.029.217 денари, додека во 2025 година за 137 вработени исплатата достигнала 85.141.803 денари.
Како дополнителен финансиски товар се наведува и исплатата на заостанатите придонеси за бенифициран стаж. Во 2025 година започнала редовна исплата во годишен износ од 1.050.000 денари, а за заостанатите обврски се исплаќаат по 450.000 денари по вработен.
Талевски укажува и на зголемените трошоци за одржување на старата и дотраена механизација, како и на ниската цена на услугата за собирање и одведување на отпадни води. Цената, како што вели, ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика и комунални услуги, а барањето за зголемување на тарифата не добило поддршка од Советот на Општина Битола во побараниот износ.
За 2026 година се планира надминување на овие предизвици преку зголемување на обемот на работа. Најавени се нови договори со Општина Битола во вредност од 45.975.908 денари, наспроти 20.817.642 денари колку што изнесувале договорите во 2025 година. Планирана е и набавка на нова механизација, меѓу која комбиниран ровокопач и натоварувач, мини-натоварувач и заштитна опрема за работа.



























