
Системот „Безбеден град“ започна да функционира и на подрачјето на СВР Велес, а за само ден и половина камерите регистрирале околу 150 сообраќајни прекршоци.
Почетокот на функционирањето на системот беше означен при посетата на Велес на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски, кои го посетија модернизираниот команден центар на СВР Велес.
Тошковски информираше дека командниот центар е сместен во целосно реконструирани простории кои претходно биле користени од Министерството за одбрана, а потоа биле надвор од употреба околу 15 до 20 години.
„Само во текот на вчерашниот ден, за 24 часа, имаме констатирано околу 124 казни, а денеска досега околу 27, односно за ден и половина околу 150 казни на територијата на СВР Велес“, изјави Тошковски.
Системот ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Најголемиот дел од регистрираните прекршоци се однесуваат на надминување на дозволената брзина, додека три до четири казни се за поминување на црвено светло.
Според министерот, целта на „Безбеден град“ не е само санкционирање на прекршителите или зголемување на приходите во буџетот, туку пред сè промена на сообраќајните навики и намалување на бројот на загинати во сообраќајни незгоди.
Тошковски посочи дека во првите осум месеци од годинава бројот на жртви во сообраќајот е значително намален. Заклучно со август, годинава се регистрирани 61 жртва, наспроти 96 во истиот период минатата година.
Тој оцени дека станува збор за намалување од околу 40 проценти и изрази очекување позитивниот тренд да продолжи со доследно почитување на сообраќајните правила.
Министерот потсети и на вчерашната тешка сообраќајна несреќа на патот Миладиновци–Аеродром, во која две лица загинаа, а три беа повредени, од кои две се во животозагрозувачка состојба.
Тошковски порача дека сообраќајните несреќи со трагични последици можат да му се случат на секого и апелираше до граѓаните доследно да ги почитуваат правилата.
„Безбеден град“, според МВР, треба да придонесе за поголема сообраќајна дисциплина, помал број несреќи и помалку човечки жртви, со крајна цел Македонија да биде побезбедна држава за сите.

















