
Снег со променлив интензитет утрово паѓа на повисоките планински предели, а коловозите на дел од патните правци се влажни и лизгави. На западот, особено на повисоките места, има остатоци од кашест снег што дополнително го отежнува движењето.
Како што јавуваат од АМСМ, снежни врнежи се регистрирани на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На преминот Буково врнежите се мешани – дожд и снег, што создава дополнителен ризик од појава на мраз во текот на ноќта.
Воведени се рестрикции за одредени категории возила, поради влошените временски услови. Тешките товарни возила не смеат да сообраќаат на делницата Гостивар – Кичево преку Стража, ниту на кракот Маврово – Дебар. На патот Тетово – Попова Шапка, пак, на сила е забрана за автобуси, додека останатите возила можат да се движат исклучиво со задолжителна зимска опрема.
Интензитетот на сообраќајот надвор од урбаните средини е умерен, а на граничните премини засега нема подолги задржувања. Сепак, од АМСМ апелираат на максимална внимателност, особено при движење низ клисури, долини и планински превои каде постои зголемен ризик од одрони.























