
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, најави воведување на две нови авиолинии од Скопскиот аеродром, со што дополнително ќе се зајакне воздушната поврзаност на земјава и ќе се зголеми бројот на патници.
Од 15 јули ќе започнат летовите од Скопје до Палермо, а од 18 јули ќе се воспостави и линијата до Алгеро, Сардинија, во Италија. Двете линии ќе ги оперира нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air и ќе бидат активни во текот на летната сезона.
Според Николоски, овие нови дестинации се значаен чекор напред за развојот на авиосообраќајот, но и за привлекување на туристи во Македонија.
„Станува збор за убави вести и за граѓаните кои сакаат да патуваат, но и за сите што сакаат да ја посетат нашата земја. Со новите авиолинии се отвораат дополнителни можности за поврзување со европските туристички центри“, истакна Николоски.
Тој потенцираше дека Скопскиот аеродром бележи континуиран раст, нагласувајќи дека 2025 година била рекордна со над 3,2 милиони патници. Со воведувањето на новите линии, се очекува дополнително зголемување на бројот на патници и зацврстување на позицијата на аеродромот како регионален лидер.
Дополнително, најавено е и зголемување на фреквенцијата на летови на постојните линии, како и стационирање на нов авион од најновата генерација Airbus A321 Neo на Скопскиот аеродром.
Николоски истакна дека за новите линии не се предвидени субвенции, што, според него, е показател дека постои реален и растечки комерцијален интерес за македонскиот пазар.























