
На 29 март 2026 година во 18:55 часот, на експресниот пат Штип – Радовиш, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот при Секторот за сообраќајни работи измериле екстремно висока брзина кај патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски таблички.
Со помош на специјално возило – пресретнувач на Министерството за внатрешни работи, утврдено е дека возилото се движело со 178 километри на час, на делница надвор од населено место каде максимално дозволената брзина изнесува 110 километри на час.
Против возачот П.К. (33) од Радовиш се преземени соодветни мерки и ќе се соочи со законски предвидена санкција.
Од МВР информираат дека сообраќајните контроли со пресретнувачи ќе продолжат и во наредниот период низ целата држава, со цел санкционирање на прекршителите и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Надлежните потсетуваат дека пречекорувањето на дозволената брзина е една од главните причини за сообраќајни незгоди, кои често завршуваат со сериозни последици по имотот, здравјето и животот.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел заедничко обезбедување побезбедни патишта.























