
Централното собрание на ВЛЕН денеска ја одржа првата седница по формирањето на партијата, на која се разговараше за актуелните политички случувања, приоритетите за наредниот период и чекорите за натамошно зајакнување на партиската организација.
Како што соопштија од ВЛЕН, една од главните теми на дискусија бил и процесот на реконструкција на Владата. Во таа насока била отворена дебата за работата и перформансите на носителите на јавни функции, со цел евентуалните промени да придонесат за поголема ефикасност, одговорност и побрза реализација на ветувањата дадени пред граѓаните.
На седницата била направена и анализа на досегашното работење на ВЛЕН. Се разговарало за постигнатите резултати, предизвиците со кои се соочува партијата и приоритетите за следниот период, со акцент на координацијата на структурите, теренските активности и континуираната комуникација со јавноста.
Важен дел од состанокот било и прашањето за консолидација на ограноците и зајакнување на партиските структури во сите населени места. Од ВЛЕН оценуваат дека силната организација на терен е предуслов за подобро претставување на граѓаните и побрз одговор на нивните потреби.
„ВЛЕН ќе продолжи со целосна политичка и институционална одговорност да работи во служба на граѓаните, за реализација на приоритетите и очекувањата што произлегуваат од довербата што ни ја дале“, се наведува во партиското соопштение.















