На вчерашната владина седница беа донесени две клучни одлуки кои, според Коалицијата ВЛЕН, претставуваат директен удар врз долгогодишниот хаос и занемарување во јавното здравство.
Како што соопштуваат од ВЛЕН, под водство на министерот за здравство Азем Алиу, се поставуваат нови стандарди и се инвестира таму каде што е најважно – во животите на граѓаните.
Со одлуката за набавка на 100 нови амбулантни возила, во вредност од над 461 милион денари, ќе се овозможи побрза итна медицинска интервенција, поефикасен транспорт на пациенти и подобра покриеност на целата територија на државата, вклучително и руралните средини.
Истовремено, се решава и еден од најстарите и најиритирачки проблеми во здравствениот систем – паркирањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Со отстранување на административните бариери се отвора пат за воспоставување ред, модернизација, зголемување на капацитетите и организиран пристап за пациентите и здравствениот персонал.
Од Коалиција ВЛЕН ја поздравуваат решителноста и сериозниот пристап на министерот Алиу, оценувајќи дека тој покажува оти здравството не се реформира со зборови, туку со храбри одлуки и конкретни дела.
„Вредно за здравство што функционира, вредно за држава што се грижи“, порачуваат од ВЛЕН.



























