Собранието на денешната 75. пленарна седница ги избра Мухамет Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање и Беким Сали за министер за евроинтеграции. По гласањето, двајцата новоизбрани министри дадоа свечени изјави пред пратениците.
Предлогот за нивниот избор го образложи премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека со ова се заокружува и функционално се екипира Владата, со цел обезбедување континуитет во работењето на клучните ресори.
За Мухамет Хоџа, премиерот нагласи дека станува збор за кадар со долгогодишно искуство во државната управа и извршната власт, со раководни ангажмани во повеќе институции. Според Мицкоски, неговото професионално искуство гарантира добро познавање на процедурите, меѓуинституционалната соработка и усогласувањето на јавните политики, што е особено важно за ресорот животна средина и просторно планирање, кој има значајна улога во одржливиот развој и заштитата на животната средина.
Говорејќи за Беким Сали, премиерот потсети дека тој има претходно министерско искуство, како и тековен ангажман во законодавната власт, што му овозможува јасно разбирање на односите меѓу извршната и законодавната власт. Ова, според Мицкоски, е од особено значење за ресорот евроинтеграции, кој има координативна улога во процесите поврзани со европската интеграција и реформските обврски на државата.
Изборот на новите министри следува по локалните избори одржани во октомври, по кои Изет Меџити ја презеде функцијата градоначалник на Општина Чаир, со што се отворија позициите прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.



























