
Три одделни пожари за само неколку часа ги ставија на сериозен тест капацитетите на Територијалната противпожарна единица на Струмица, која уште од рано утрото беше на терен со засилени екипи.
Најсериозниот инцидент се случил во излетничката населба Суви Лаки, каде во 6:55 часот избувнал пожар во викенд-куќа. Огнената стихија за кратко време го зафатила објектот, а во гаснењето учествувале четворица пожарникари од Струмица со едно противпожарно возило, како и дополнителна екипа од ТППЕ од Берово, исто така со четири пожарникари и едно возило.
Само еден час подоцна, во 8:12 часот, нова интервенција била регистрирана на улицата „Бетовенова“ во Струмица, каде се запалила куќа. На оваа локација биле ангажирани три противпожарни возила и осум пожарникари-спасители, кои спречиле понатамошно ширење на пламените јазици.
Ниту два часа по претходната акција, во 9:48 часот, пожарникарите повторно излегле на терен – овојпат во селото Муртино, каде горел оџак на семејна куќа. Интервенирано било со едно возило и четворица пожарникари.























