
Судењето против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, продолжува во Основниот кривичен суд Скопје, каде Обвинителството презентира нови докази поврзани со обвиненијата за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат во рамки на предметот „Адитив“.
Според обвинението, Димитровска како службено лице во периодот од мај до декември 2024 година на неповикано лице, обвинето во предметот „Адитив“, му доставувала податоци кои се класифицирани како службена тајна, што според закон не смеела да ги сподели.
Обвинителството тврди дека дел од тие информации биле испраќани преку комуникации на мобилни апликации, а во судницата биле презентирани и пораки кои, според обвинителите, покажуваат како обвинетите разменувале доверливи документи и податоци поврзани со работењето на ТЕЦ Неготино.
Според презентираните докази, одредени информации кои биле испраќани вклучувале извештаи за производство на електрична енергија, набавки на мазут и финансиски биланси, кои, како што наведува обвинителството, помогнале одредени фирми да аплицираат и да добијат тендери.
Покрај обвинението за оддавање службена тајна, Димитровска се товари и за компјутерски фалсификат. Според обвинителството, таа незаконски се стекнала со безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации, така што друго лице – ревизор од Државниот завод за ревизија – го полагало тестот наместо неа.
На последното рочиште, како доказ бил презентиран и самиот сертификат, за кој обвинителството тврди дека е стекнат со фалсификување, додека биле изведени и дополнителни материјали поврзани со евентуален судир на интереси и други активности во периодот кога таа раководела со Комисијата.
Одбраната на Димитровска ги отфрла обвинувањата, тврдејќи дека информациите кои биле споделувани не претставувале службена тајна, туку биле веќе разгледувани на седници и дел од нив биле јавно достапни. Самата обвинета на почетокот на процесот се изјасни дека не се чувствува виновна.
Во овој случај, покрај Димитровска, обвинети се и други лица, меѓу кои и вработени во ТЕЦ Неготино и ревизор од Државниот завод за ревизија, кои, според обвинителството, учествувале во незаконските активности поврзани со предметот „Адитив“.























