
Обвинителот Јован Цветановски се враќа на својата функција, откако Советот на јавни обвинители едногласно ја укина неговата суспензија и одлучи предметот да го врати на повторно разгледување. На истата седница, Советот го прекина дисциплинскиот предмет против поранешниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, поради тоа што тој претходно поднел барање за престанок на функцијата.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, по седницата изјави дека при разгледувањето на жалбите биле утврдени пропусти во постапката на Првостепената комисија во предметот за Цветановски.
„Како Совет не можеме да ги исправиме тие пропусти, бидејќи тоа не е во наша надлежност. Затоа предметот го враќаме на повторно одлучување со конкретни насоки, по што Комисијата ќе донесе нова одлука“, изјави Бесими.
Тој појасни дека укинувањето на суспензијата значи и враќање на обвинителот на работа.
„Во решението беа констатирани повеќе пропусти, што создаде основа за укинување на суспензијата. Со тоа обвинителот се враќа на својата функција“, додаде Бесими.
Цветановски, кој беше јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, во јавноста стана познат по неговата улога во предметот поврзан со бонусите во поранешното Специјално јавно обвинителство. Тој тврдеше дека суспензијата е резултат на притисоци и обид за дискредитација, бидејќи одбил да донесе, како што наведе, незаконска одлука.
На седницата беше разгледан и случајот со Мустафа Хајрулахи, за кого Советот констатираше дека поради поднесено барање за престанок на функцијата, дисциплинската постапка се прекинува.
Воедно, Советот ја одби иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска, која тврдеше дека е изложена на политички притисоци. Според оценката, не биле утврдени конкретни дејства што би укажувале на надворешно влијание врз нејзината работа или нарушување на нејзината независност.























