Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска истакна дека јавниот обвинител треба да биде бескомпромисен во почитувањето на законот, заколнат борец за владеење на правото и отпорен на партиски и политички влијанија, нагласувајќи дека тоа е клучно за успешни судски реформи.
Сиљановска Давкова коментираше и за последната одлука на Владата за продолжување на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, потсетувајќи дека постојат јасни законски процедури за избор и разрешување на обвинител. Таа нагласи дека целосната транспарентност и професионалност во работењето на обвинителите е неопходна за намалување на корупцијата и криминалот, кои се глобален проблем според последниот Евробарометар.
Претседателката оцени дека законските измени што Владата ги испрати на Венецијанската комисија претставуваат значаен чекор кон подобро регрутирање и функционирање на Судскиот совет и судскиот систем, со цел да се зајакне владеењето на правото и транспарентноста во правосудството.


























