
Уште еден пациент починал од западнонилска треска, со што бројот на смртни случаи од оваа инфекција во земјава се зголеми на шест, потврди денеска директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана.
Станува збор за 72-годишен пациент од Скопје, кој имал и сериозни придружни заболувања. Тој бил хоспитализиран на Клиниката пред 15 дена во исклучително тешка општа состојба и со тешка клиничка слика.
И покрај интензивното лекување и сите преземени медицински мерки, пациентот починал вчера попладне на Одделот за интензивна нега.
„За жал, морам да известам дека вчера во попладневните часови почина уште еден пациент“, изјави Цана.
Според директорот, досега на Клиниката за инфективни болести биле хоспитализирани вкупно 51 пациент со сомнеж или потврдена инфекција со западнонилска треска. Од нив, 27 пациенти се излекувани и се испишани од клиниката.
Во моментов на Клиниката се лекуваат 18 пациенти. Кај 15 од нив лабораториски е потврдена западнонилска инфекција во невроинвазивна форма, додека тројца се клинички суспектни за невроинвазивна форма на инфекцијата.
Најмладиот пациент кој моментално се лекува е 26-годишен и, според Цана, е во добра здравствена состојба.
Сепак, состојбата кај петмина пациенти останува сериозна. Тие се на Одделот за интензивна нега и имаат тешка клиничка слика, а сите се повозрасни лица.
Со најновиот случај, бројот на починати од западнонилска треска во земјава достигна шест, додека надлежните здравствени институции продолжуваат да ја следат состојбата и бројот на нови случаи.

















