
Повеќе од 26.000 граѓани во Македонија треба да добијат поврат на пари што незаконски им биле наплатени од финансиските друштва за брзи кредити. Вкупниот износ надминува 140 милиони денари, односно околу 2,3 милиони евра, а компаниите имаат рокови од 30, 60 или 90 дена да ги вратат средствата.
Ова го соопшти директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, по спроведените вонредни инспекциски контроли кај сите 27 лиценцирани финансиски друштва што одобруваат потрошувачки кредити.
Инспекторите утврдиле неправилности кај 18 финансиски друштва, кои во договорите со клиентите користеле нечесни трговски одредби. Особено загрижувачки се наодите кај 12 компании, кои незаконски наплатувале дополнителни трошоци за опомени и известувања поради доцнење со отплатата на кредитите.
Контролите го опфатиле работењето на финансиските друштва во периодот од 2023 до 2026 година, а биле насочени кон заштитата на потрошувачите, транспарентноста на кредитните договори и наплатата на дополнителни провизии и надоместоци.
Според Стојкоски, по обработката на документацијата донесени се решенија со кои финансиските друштва се задолжуваат да ги вратат незаконски наплатените средства. Роковите за исплата зависат од бројот на оштетени клиенти во секоја компанија.
По истекот на предвидените рокови, Државниот пазарен инспекторат ќе спроведе дополнителни контроли за да утврди дали компаниите постапиле според решенијата.
Покрај обврската за враќање на парите, издадени се и платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари. Поединечните казни за утврдените прекршувања се движат од 2.000 до 10.000 евра за една мерка, а кај одредени компании се констатирани повеќе неправилности.
При контролите кај две поголеми финансиски друштва биле откриени и проблеми со водењето на сметководствената документација, за што е известено Министерството за финансии.
Засега не се објавени имињата на компаниите кај кои се утврдени незаконските практики. Стојкоски објасни дека инспекциските постапки сè уште траат и дека предвременото објавување детали би можело да влијае врз нивното спроведување.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши порача дека нема да се дозволи финансиските компании да остваруваат профит на штета на граѓаните, особено на оние што поради тешката економска состојба се принудени да користат брзи кредити.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, истакна дека враќањето на незаконски наплатените средства претставува конкретен резултат од засилените институционални контроли.
Од Државниот пазарен инспекторат ги повикуваат граѓаните да пријавуваат сомнителни наплати и внимателно да ги проверуваат сите услови, провизии и дополнителни трошоци пред потпишување договор за кредит.
























