
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека МВР работи на проектот „Safe City“, кој ќе овозможи поедноставени и повеќекратни начини за плаќање на сообраќајните казни, како и дополнителни дигитални услуги за граѓаните.
Во гостување на телевизија Сител, Тошковски истакна дека системот на камери, покрај констатирањето на сообраќајните прекршоци, ќе може да се користи и како доказен материјал при откривање на други прекршоци и кривични дела, во рамките на законските надлежности на Министерството.
Граѓаните ќе можат да ги плаќаат казните преку банка, во која било полициска станица со платежна картичка, електронски преку апликациите на банките, а во иднина и преку посебна мобилна апликација од МВР. Апликацијата ќе овозможува целосен увид во изречените казни, како и известувања преку е-пошта и телефонски број, со сигурна автентикација на корисниците.
Тошковски најави дека апликацијата ќе биде надградена со дополнителни услуги од надлежност на МВР, вклучувајќи и можност за дигитално пријавување корупција и кривични дела, особено оние сторени од јавни функционери.



























