УТРО.мк

Може да ги пренесете коските на Самоил, но не и Преспа, Охрид и Самоиловата тврдина

Може да ги пренесете коските на Самоил, но не и Преспа, Охрид и Самоиловата тврдина
Vero

Македонскиот дипломат и поранешен амбасадор Оливер Шамбевски реагира на информациите за пренесување на коските на Цар Самоил од Грција во Бугарија.

Во реакцијата објавена на социјалните мрежи, Шамбевски посочува дека коските на историските владетели низ вековите биле преместувани, но дека со самото преместување не се менува историското потекло и значење.

„Моштите на Цар Самоил со децении беа во Грција, па тој не стана Грк. Сега Грција ќе ги предала на Бугарија. ОК… И што очекуваат? Изгледа, некој очекува дека коските ќе завршат работа што историјата упорно одбива да ја заврши“, пишува Шамбевски.

Тој додава дека доколку идејата е со свеченото пренесување на коските да се влијае врз македонската историска меморија, тогаш, како што вели, „премногу моќ ѝ се припишува на една погребна поворка“.

„Со коските не може да се пренесе Охрид. Не може да се пренесе Преспа. Не може да се пренесе Самоиловата тврдина. Не може да се пресели Струмица, неговата одбранбена база во походот од 1014 година“, наведува тој.

Шамбевски ја споменува и Беласица, посочувајќи дека планината и денес се протега низ териториите на три современи држави.

„Беласица, патем, денес тврдоглаво стои распослана меѓу три современи држави. Како природата намерно решила да им се потсмева на нашите балкански обиди со денешни граници да го премеруваме средниот век“, пишува Шамбевски.

Според него, токму поради тоа случајот повеќе предизвикува иронија и резигнираност отколку бес и лутина.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран