
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват порача дека процесот на проширување на Европската Унија останува активен, нагласувајќи дека Владата ќе остане посветена на реформите и европската интеграција, но и на заштитата на националните позиции.
Мицкоски информираше дека на билатералната средба со германскиот канцелар Фридрих Мерц разговарале за германско-францускиот предлог за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
„Имавме билатерална средба со канцеларот Мерц, разговаравме и на таа тема. Имаме ние свој инпут и свое мислење кое го пренесовме. Подетално ќе разговараме за време на работниот дел на самитот“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека главна цел на Владата е Македонија да биде меѓу земјите што испорачуваат најмногу реформи, притоа останувајќи фокусирана на европскиот пат.
„Наша цел е да станеме држава која испорачува најмногу реформи, истовремено да останеме фокусирани на проширувањето и да го сочуваме националното достоинство“, нагласи премиерот.
Мицкоски изрази задоволство и од разговорите со францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според него, на средбите биле отворени и прашањата поврзани со уставните измени што ги прифати претходната влада, при што македонската страна го изложила својот став за идниот тек на евроинтегративниот процес.
Премиерот оцени дека значаен број земји-членки на ЕУ ги разбираат аргументите на Македонија и ја поздрави пораката што денеска ја испратија европските лидери дека процесот на проширување останува отворен и активен.















