
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Брисел оствари средба со Герт Јан Копман, генерален директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство при Европската комисија.
Како што информираше премиерот, во фокусот на разговорите биле европската перспектива на Македонија, напредокот во реформските процеси и следните чекори во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Мицкоски нагласи дека определбата на Владата за полноправно членство во Европската Унија останува јасна и недвосмислена, но истовремено потенцираше дека европската интеграција треба да се темели на принципиелни односи и почитување на националните интереси.
„Нашата определба за членство во Европската Унија е јасна и недвосмислена. Македонија заслужува европска иднина, заснована на принципиелни односи, почитување и заштита на националните интереси, како и доследно спроведување на реформите во интерес на граѓаните“, порача Мицкоски.
Тој истакна дека Владата ќе продолжи со реализација на реформската агенда и исполнување на обврските поврзани со евроинтеграцискиот процес.
„Продолжуваме со посветена работа, исполнување на реформската агенда, одговорна политика и јасна визија за европска, стабилна и просперитетна Македонија“, нагласи премиерот.
Средбата во Брисел е дел од политичкиот дијалог меѓу македонската Влада и европските институции за реформите и натамошниот тек на пристапниот процес.























