
Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека на 15 јули до Европската Унија бил доставен документ со целосно исполнети и означени обврски, со што, како што наведува, Македонија покажала посветеност кон европската агенда.
„Уште еднаш покажавме дека реформскиот процес го водиме одговорно, транспарентно и со јасна посветеност кон исполнување на европската агенда“, порача Мицкоски.
Тој оцени дека динамиката на реализација на реформите ќе биде подобра од онаа на многу други земји, и покрај, како што вели, обидите процесот да биде забавен преку блокирањето на Изборниот законик.
„Нашата определба останува непроменета, реформите ќе продолжат, затоа што тие се во интерес на државата, институциите и граѓаните“, истакна премиерот.
Мицкоски најави дека попладнево ќе присуствува на одбележувањето на роденденот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, а вечерва ќе биде дел од Пиво Фест во Прилеп, каде што, како што посочи, ќе има можност за средби и разговори со граѓаните.

















