
Скопје и Охрид се подготвуваат за летната туристичка експанзија. Со воведувањето на нови авиолинии, македонските аеродроми ја прошируваат мрежата на дестинации и го подобруваат пристапот до атрактивни европски градови.
Од оваа недела, на 29 март, Виз ер ќе го отвори летот од Милано кон Охрид, додека ден подоцна, на 30 март, започнуваат новите летови од Скопје до Неапол, а редовната линија до Будимпешта се враќа во редовниот распоред. Со овие промени, мрежата на авиолинии од Скопје ќе добие шест нови дестинации: Неапол, Будимпешта, Палермо, Алгеро, Трабзон и Самсун. Од Охрид, ќе бидат достапни четири нови линии: Милано, Виена, Вроцлав и Катовице.
„Воведувањето на овие 10 нови авиолинии е значаен чекор за подобрување на поврзаноста на земјата со Европа. Патниците добиваат повеќе опции за патување, а странските туристи ќе имаат полесен пристап до Македонија, што дополнително ќе го стимулира дојдовниот туризам“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Летниот распоред на летови за 2026 година, кој започнува во март и трае до крајот на октомври, ќе обезбеди вкупно 78 дестинации од Скопје, преку 15 авиокомпании и 24 чартер летови. Од Охрид, 8 авиокомпании ќе летаат до 17 дестинации, комбинирајќи редовни и сезонски линии. По воведувањето на Милано, во јуни се очекуваат летови од Вроцлав и Катовице, а од 17 мај Аустриан ерлајнс ќе ги поврзе Охрид и Виена.























