
Патниците што ја минуваат границата меѓу Македонија и Албанија преку Ќафасан од денеска ќе поминуваат низ заедничка гранична контрола на едно место, наместо да запираат двапати – на излезната и на влезната страна од границата.
На граничниот премин почнува примената на интегрираниот систем „One Stop Shop“, односно едношалтерска гранична контрола, со кој се опфатени патниците, возилата и стоката.
Новиот модел треба да ги поедностави процедурите и да го забрза преминувањето на границата. Целта е да се намалат и метежите, особено во периодите кога има зголемен сообраќај и повеќе туристички патувања.
На официјалната промоција на системот на Ќафасан ќе присуствуваат македонскиот премиер Христијан Мицкоски и албанскиот премиер Еди Рама.
Сличен модел веќе се применува на граничниот премин Табановце – Прешево, меѓу Македонија и Србија.
Воведувањето на заедничката контрола на Ќафасан е дел од напорите за полесно движење на патниците и стоката меѓу Македонија и Албанија.























