
Европратеничката од Словенија, Ирена Јовева, упати силна порака во Европскиот парламент за време на расправата по Извештајот за напредокот на Македонија кон членство во Европската Унија, нагласувајќи дека Македонците не треба да бидат жртви на политичките фрустрации на други земји.
Во своето обраќање, Јовева истакна дека извештајот треба да остане фокусиран на реформите, владеењето на правото и европската иднина на државата, а не на прашања поврзани со идентитетот, јазикот и историските толкувања.
„Оваа земја не е одговорна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик или идентитет. Македонците не треба да ја плаќаат цената за политичките фрустрации на другите“, порача Јовева, додавајќи дека Европската Унија е создадена за заедничко градење на иднината, а не за издавање сертификати за постоењето на народите.
Таа оцени дека Европскиот парламент не треба да се претвора во „историска академија“, туку да остане институција која ги оценува реформите и напредокот на земјите-кандидатки.
Јовева ги отфрли и тврдењата дека денешното гласање претставува победа за една страна или пораз за друга, нагласувајќи дека процесот на проширување не смее да се претвора во натпревар меѓу државите.
„Македонците денес не беа на тест. Европа е“, порача таа на крајот од своето обраќање, потенцирајќи дека вистинското прашање е дали Европската Унија ќе остане доследна на своите вредности и принципот земјите-кандидатки да се оценуваат според реформите и објективните критериуми.

















